OooOo |
Производителите задоволни
Македонците се повеќе купуваат домашно месо и млеко
Здружението на производителите на млеко и месо ги зајакнува стандардите за добивање Знак за квалитет
Околу 95 отсто од потрошувачите во земјава купуваат домашни млечни и месни производи секогаш кога се во можност, покажува истражувањето на "Стратум рисрч". Анкетата, која беше вчера презентирана, е спроведена кај 500 семејства во државава, а е нарачана од Здружението на производители на млечни и месни производи на Македонија.
Според добиените резултати, Скопје и околината се најголеми потрошувачи на овој вид производи.
- Истражувањето покажа дека навиките на нашите потрошувачи се сменети во полза на домашното производство. Знакот на квалитет сега многу потешко го добиваат фирмите бидејќи стандардите кои треба да ги исполнат се многу високи и се на ниво на европските - вели Љубомир Дренковски, претседател на Здружението.
Според него, во последниве неколку години потрошувачката на сувомесни производи е зголемена за 300 отсто, а на млекото и на млечните производи за 44 отсто.
Од истражувањето на "Стратум рисрч" се гледа дека околу 42 отсто од семејствата во земјава не се постојано во состојба да купуваат месо и млеко и производи добиени од нив бидејќи просечните примања им се движат од 3.000 до 6.000 денари.
- Граѓаните во земјава дури 89 отсто од парите за храна ги трошат за млеко и млечни производи, на второ место се пијалаците, а следуваат месото и производите од него, брашното и лебот - информираат од тимот што го спроведе истражувањето.
Александра Депиновска од здружението за агробизнис "Лендолејкс" истакна дека за да се подобри квалитетот на домашните производи се оди кон воведување на ХАСАП-системот за квалитетна храна.
- Овој систем за безбедност на храната е услов за извоз од домашните фирми. За негова примена веќе се обучени вработени во фирмите "Никас", "Пилко", "Каприлот", "Виталија" и во "Планекс". Во мај в година се очекува првите фирми да го добијат овој стандард - рече Депиновска. |