Misirkov |
Пролетаријатот под диктатура на разузданиот бизнис
Даниела Алексоска
За надница од 20 денари работат по 12 часа на ден. Подгрбавени над машините, без можност да здивнат ниту на празник, илјадниците шивачки во земјава на крајот на месецот на своите деца им носат меѓу две и четири илјади денари плата. Конфекциските работници, пред очите на сите, се експлоатираат до максимум, работат колку да преживеат без никакви права, понижувани и без право на глас, плашејќи се да не останат без работа. Истражувањата покажуваат дека конфекциските работници се први на листата на најексплоатираните лица во земјава.
Еден од многубројните примери е случајот со грчкиот газда во фирмата „Вимер Паскалина“ во Демир Капија. Таму од вкупно 180 работници, 101 се прогласени за технолошки вишок, а 70 се повикани на работа, од кои најголем дел се без регулиран статус.
- Атмосферата е напната, не смееш ништо да кажеш, треба само да молчиш и да ја наведнеш главата - велат конфекционерите.
Проблемите, велат тие, почнале кога првпат во една приватна фирма за текстил профункционирала синдикалната организација, која застана во заштита на нивните права.
Пред неколку месеци побаравме пари за плата, хранарина, исплата на придонеси, работно време и прекувремена работа, во согласност со законот. Надницата ни е само 20 денари. Тоа го има само во „Вимер“ - обвинуваат штрајкувачите. Тие се жалат дека за само еден ден отсуство од работа им се скратува целиот износ за редовност, немаат работно време, а отказ се добива и кога се на боледување без да можат да преговараат.
За Нова година, бидејќи не отишле на коктел што го организирал газдата, од платите на 130 работнички газдата намалил по 1.000 денари. Газдата Василис Валаванидис им порачал - ако сакаат да работат нека се вратат, ако не им се допаѓа - нека не доаѓаат, посочувајќи дека конфекционерки има многу и може да се повикаат и од соседните градови. На една од последните средби меѓу претставниците на синдикатот газдата им порачал дека не го ферма нивниот синдикат, зашто „немаат држава и нема зошто да бараат права!“.
Работниците се жалат дека веќе заборавени категории се правото на работа, на социјална сигурност и на соодветен животен стандард. Македонија има речиси 400.000 невработени, што е највисока стапка во Европа, а над 65 отсто од семејствата примаат социјална помош и денот го минуваат со сто денари, што е под сите просеци на Светската банка за некој оптимален минимум за преживување.
Наталија Николовска, професорка на Економскиот факултет, вели дека бројките ги „изедоа“ луѓето, а некои во државава и понатаму се држат до светата крава на макроекономијата.
- Имаме стратегија без луѓе. Успехот на нашата економија се мери според метафизички бројки, а не според луѓето - вели професорката Николовска.
Според неа, во ситуација кога надворешниот долг на земјава расте, а нема економски развој, нашата економија се повеќе тоне и заличува на онаа од африканските, а не од европските земји.
- Македонската економија е во колапс, а политичката елита, наместо да бара решение, се уште ја користи транзицијата како алиби за ваквата ситуација. Процесот на транзиција е завршен и крајно време е политичарите повеќе да не го користат како адут обидувајќи се да одговорат на прашањето зошто земјава со децении живее во сиромаштија - вели професорката Николовска.
„Неоспорно е дека на Македонија и се потребни развој на економијата и странските инвестиции. Меѓутоа, досегашното искуство покажува дека под ова најчесто се подразбира неконтролирано и нехумано искористување на човековите и материјалните капацитети, како и потполното отсуство на заштита на работниците“, се вели во последниот извештај на Хелсиншкиот комитет, во пресрет на 10 декември - Денот на човековите права.
Работните, економските и социјалните права, велат во Комитетот, се дел од комплексот човекови права и не смее да бидат запоставени или одложени во име на транзицијата, економските промени или надворешни инвестиции.
На маргините на општественото милје се и хендикепираните лица, кои се уште не успеваат да го привлечат вниманието на јавноста за своите проблеми. Рамнодушноста на институциите уште повеќе го истакнуваат стравот кај граѓаните дека физичкиот и психичкиот недостаток е „срамота“ што треба да остане во кругот на семејството или меѓу ѕидовите на некоја болница или институција.
- Националната стратегија за изедначување на правата на лицата со хендикеп во Македонија е создадена тргнувајќи од содржините на Универзалната декларација за човекови права на ОН. Особено важни се гаранциите за живот, достоинство, слобода и еднаквост на секое човечко суштество, како и солидарност меѓу луѓето - потсетуваат претставниците на организациите за заштита на правата на хендикепираните.
Центарот на граѓански и човекови права, пак, бара да запре прекршувањето на правата на сексуалните малцинства, кои не се помалку важни од другите права.
Од таму истакнуваат дека барањата за почитување на правата на сексуалните малцинства не се барања за привилегии, туку за еднакви можности на сите граѓани, независно од нивната сексуална ориентација.
- Оваа поддршка се очекува како дел од заложбата за почитување на основните човекови права и приближување на Македонија до Европа и нејзините стандарди - велат од Центарот за граѓански и човекови права.
********
До Стразбур се жалат 400 Македонци
Во Европскиот суд за човекови права во Стразбур има 400 предмети против Република Македонија. Македонските граѓани до судот во Стразбур најмногу се жалат поради судските постапки. Најактуелни се должината на процесот и дилемата дали има ефективен правен лек против таа должина и како тоа право да го оствари граѓанинот во Македонија. Иако не се разгледани сите предмети, оттаму велат дека досега нема предмет во кој е утврдена повреда на човековите права и слободи.
Во Европскиот суд за човекови права до ноември годинава се упатени 75.800 жалби, во просек по 1.100 жалби месечно. За две години бројот на случаите за човекови права се очекува да достигне 100.000. Најголем број жалби поднеле граѓаните на Русија, Полска, Романија, Турција и Италија.
********
Кампања на ССМ за заштита на работничките на црно
Секцијата на жените при Сојузот на синдикатите денеска ќе почне кампања „Стоп за работата на црно на жените“. Таа ќе се реализира во текот на 2005 година и паралелно ќе се одвива во 25 земји во Европа.
- Долгиот транзициски период придонесува за застој на економскиот развој и пораст на сивата економија. Македонија има највисока стапка на невработени во Европа, а нашите сознанија зборуваат дека 60 отсто од работниците што работат на црно се жени. Токму затоа оваа кампања им ја посветивме на жените - вели Лилјана Јанкуловска, претседателка на Секцијата на жените на ССМ.
|