dejan |
Командант на 114. бригада на ОНА ќе стане заменик во УДБК
Назим Буши веројатно ќе биде нов заменик-директор во Управата за државна безбедност и контраразузнавање, на местото на Фатмир Дехари, кој, пак, би се вратил на заменик-министерската функција во МВР, јавуваат извори од ДУИ.
Според нив, на новиот список на заменик-министри, кој премиерот наскоро ќе го достави до Собранието, ќе го нема името на досегашниот заменик во полицијата Хазби Лика. Наводно, тој се менува поради тоа што ДУИ планира да го кандидира за градоначалник на Тетово и тој ќе бил ангажиран во штабот на ДУИ за локалните избори.
„Време“ неодамна објави дека постојат сомневања дека Лика е еден од учесниците во масакрот кај Вејце за време на конфликтот во 2001-ва. Можниот нов заменик во УБК Буши, пак, во тој период бил командант на 114. бригада на ОНА, која оперирала во кумановско-липковскиот регион. Од завршувањето на конфликтот досега Буши бил невработен.
Што се однесува до Дехари, тој и претходно беше заменик-министер за внатрешни работи, ама беше прекомандуван во заменик во УБК по неуспешната акција на полицијата во Брест и Малино за фаќање на командантите Чакала и Бреза.
ДУИ веројатно ќе постави нови заменик-директори и во затворите во Шутка и во Идризово. Пред неколку недели за заменик во затворот во Идризово беше назначен Изет Ризаку, кој дојде на местото на контроверзниот Исмет Гури. Ама Ризаку сега веројатно ќе замине на нова функција во Републичкиот инспекторат за труд, а на негово место би дошол извесен Куча. За заменик во истражниот затвор во Шутка се планирало да дојде Енвер Барди, поранешен командант во Радуша.
|