f9 |
Реконструиравме обични луѓе, а не воини и принцези
Антропологот Фаница Вељановска е дел од големиот тим што ја подготви првата изложба на реконструирани ликови во Македонија, изработени врз основа на скелетни остатоци што се пронајдени на овдешните археолошки локалитети. За изложбата, која е круна на нејзиното 20-годишно работно искуство, Вељановска истражи 4.000 скелети и оживеа 13 лика.
- Чија беше иницијативата за оваа необична изложба?
Моја. Имав желба и другите луѓе, ненавикнати да гледаат черепи, да добијат претстава како изгледале нашите предци. На скелетите има многу карактеристики според кои може да се реконструираат ликот и целата фигура, но за да може обичниот човек да ги види, неопходно е тоа да се прикаже тридимензионално. Поради тоа влеговме во еден вака комплексен проект што го реализира голем тим од уметници, скулптори, историчари на уметност и др. Во процесот на подготовката се користени резултати од повеќе дисциплини, разни научни сознанија и повеќе ликовни вештини. Користени се скелетни остатоци од археолошки наоѓалишта од неолитот до средниот век, што значи од 2000 години пред нашата ера до 15 век. Избрани се типични претставници од одредени периоди. На черепите се правени тридимензионални скулптури со нанесување глина до нивниот дефинитивен изглед. Севкупната постапка е евидентирана во документарен филм, кој ќе биде прикажан на денешната изложба.
- Велите типични претставници. Значи ли тоа дека постојат генерални карактеристики за изгледот на луѓето во одредени периоди?
Да, тоа е идејата. Во одредени периоди живее слично, хомогено население. Во други периоди, пак, освен автохтоното население имало претставници на ново население што се разликува од домицилното. Затоа избравме типови што ја претставуваат и едната и другата ситуација.
- За Балканот се вели дека има убаво население поради силната мешавина на култури и народи. Можете ли како антрополог да се согласите со тоа?
Не можам. Врз основа на сегашниот степен на изразеност е дојдено до овие сознанија. Не мора да значи дека по десетина години, доколку во ваков зафат се истражуваат двојно поголем број скелети, би се добиле исти резултати. Низ долги периоди, се чини, особено во предисториските, немало мешање на народите. Поточно, мешање нема од бронзено време до почетокот на новата ера. Првите докази за тоа се од римското време, а од средниот век има докази за населувањето на Словените.
- Значи ли тоа дека оваа теза, која во последно време станува историски проблематична, антрополошки може да се докаже?
Да.
- Со колкава автентичност се реконструирани ликовите?
Тоа никогаш не можеме да го докажеме, зашто не постои фотографија, скулптура или портрет на луѓето од тоа време. Освен тоа, избравме претставници од обичниот свет, а не принцези и воини. Идејата беше генерално да се прикаже ликот и да се потенцира ликовниот дел. Истовремено, тоа да не бидат восочни фигури или посмртни маски, туку обични, секојдневни ликови.
- Кој е убавецот на изложбата?
Нема такви, сите ми се драги и убави. Меѓутоа, вредноста на изложбата не е во естетскиот момент, туку во нејзиниот документарен карактер, зашто паралелно со ликовите е направена и реконструкција на облека и на накит од некрополите од кои потекнуваат и скелетите.
Реконструирани предци
Тринаесет реконструирани лика, возрасни индивидуи од 20 до 60 години, што живееле негде меѓу неолитот и средниот век, ќе бидат претставени на изложбата што денеска напладне ќе биде отворена во Музејот на Македонија.
Ликовите се презентирани преку черепи, портретни скулптури, цртежи во природна големина со севкупната облека, накит и оружје. Како придружни елементи се претставени и фотографии од гробниците во кои се пронајдени скелетите и од археолошкиот локалитет со сите негови специфики.
|