OooOo |
Громовите нема да стигнат до Земјата
Ако во уредот за управување со атмосферски електрични празнења, се монтира доволно силен ласер тогаш ќе се предизвика празнење на громот во облакот
Со уредот за управување со атмосферски електрични празнења луѓето ќе бидат чекор поблиску во борбата за совладување на природните непогоди. Со иновацијата "Веда" на македонскиот пронаоѓач Петре Ристески, молњите нема да стигнуваат до земјата, туку ќе се "празнат" во облаците. За тој пронајдок Ристески ја освои наградата за пријавен и заштитен патент на Меѓународната изложба на пронајдоци, иновации и технички унапредувања "МАКИНОВА 2004", која се одржа во октомври годинава во Скопје.
За тоа како ја добил идејата за уредот, Ристески вели:
- Една година работам во одделот за громобрани при Институтот за заварување "Југ". Колку подолго се занимаваш со некоја проблематика толку полесно можеш да согледаш што недостига во областа. Идејата за уредот ја имав една година, а само два месеца пред "МАКИНОВА" го изработив и моделот. Целта ми беше да направам громобран што ќе може да заштити поголема област, па дури и да го спречи громот да стигне до земјата.
"Веда" е направена од не'рѓосувачки челик, има мали димензии и се монтира на јарбол.
- Уредот користи енергија од атмосферскиот електрицитет и ја складира во себе. Во земјава, според проценките на стручњаците, има околу 40 денови со грмотевици во годината. Додека молњата се приближува кон земјата создава електромагнетно поле околу себе и кога ќе дојде на растојание од 100 до 150 метри од уредот, "Веда" се активира и ја ослободува складираната енергија преку ласерски зрак што молњата ја приближува кон направата. Потоа громот се неутрализира во земјата - објаснува Ристески.
Тој вели дека, ако во уредот се монтира доволно силен ласер, ќе може да се предизвика празнење на громот во облакот, со што молњите ќе станат минато.
- Една од најголемите предности на стандардниот модел "Веда" за заштита на згради, поголеми објекти и отворени терени е што има многу поголема заштитна зона од громобраните што моментално се употребуваат. Во зависност под кој агол ќе се постави ласерскиот зрак, тој ќе го заштитува теренот под него. А со примена на помоќни ласери уредот би можел да се користи и во воената технологија - додава Ристески.
Тој се надева дека со помош на уредот ќе се променат и стандардите што се поставени во земјава за монтирање на громобрани.
- Според правилата, громобраните се поставуваат два метра повисоко од највисоката точка на местото што го обезбедуваат. Но со "Веда" не е потребно да се поставува уредот на голема висина, туку е важно под кој агол се насочува ласерскиот зрак - објаснува иноваторот.
Засега "Веда" постои само како модел, а за изработка на прототип на Ристески му се потребни 5.000 евра. Според неговите проценки, уредот ќе биде најевтин од сите што се употребувале досега. |