AaaAa |
СКОПЈЕ - ГРАДОТ НА СОЛИДАРНОСТА - ОД ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА НЕ СЕ ГЛЕДА ПЕКОЛОТ НА ЈУГОИСТОЧНА АЗИЈА
Пенов заборави на солидарноста
Додека Скопје славеше со лимените труби на Горан Бреговиќ, за чиј хонорар градот не сака да зборува, светот најде начин дури и во најсвечените мигови да им оддаде почит на загинатите и да сочувствува со преживе
Скопје - градот на солидарноста не го трогна трагедијата со земјотресот во југоисточна Азија. Градот беше преокупиран со славење на новата 2005 година и со самобендисаноста дека со Горан Бреговиќ сме станале центар на Балканот. Никому не му текна барем да оддаде почит со едноминутно молчење на загинатите. Градските власти заборавија дека Скопје преживеа слична трагедија, заборавија и на солидарноста. Најважно беше спектакуларно да се дочека новата година.
Градоначалникот на Скопје Ристо Пенов, од новогодишната бина им ја честиташе новата 2005 на собраните луѓе. И тој не се сети на барем да ги спомне луѓето погодени од цунамито и ужасот во кој тие ја дочекаа новата година, заборавајќи дека токму Скопје пред 41 година беше погодено од катастрофален земјотрес во кој загинаа над илјада луѓе. Скопје во шеесетиите беше прогласен за град на солидарноста. Скопјани не беа заборавени од светот. Помош пристигаше од сите страни, па и од земјите што сега се погодени од катаклизмата.
По речиси една недела од разурнувачките бранови што погодија 12 земји во југоисточна Азија градските власти немаат идеја на кој начин да помогнат. Среќко Поповски, советник за односи со јавност на скопскиот градоначалник Ристо Пенов, вчера рече дека Градот допрва ќе се организира за да испрати помош.
"Ние чекаме аларм од Црвен Крст за да се организираме. Тие рекоа дека ќе пуштат некоја жиро сметка на која ќе може да се уплаќаат средства, но тоа се уште не е точно дефинирано. Ние сега немаме слободни финансиски средства со кои би им помогнале. За евентуална помош треба прво одлука да донесе Советот на Скопје. На следната седница, која треба да се одржи во текот на овој месец тоа ќе биде направено", рече советникот Поповски.
Тој нагласи дека градоначалникот Пенов испратил телеграма со сочувство до семејствата на загинатите во земјотресот, но комуникацијата со погодените подрачја им одела многу тешко бидејќи се се одвивало преку Пекинг, каде во моментов Македонија нема амбасадор. Поповски рече дека голема пречка за давање помош во Азија е големата оддалеченост од Скопје, односно големите трошоци за транспорт.
Ова е втор пат како до Скопје не допира трагедијата од земјотресите во светот. Лани ова време градските власти не мрднаа ниту со малиот прст да соберат помош за загинатите 70 илјади луѓе во земјотресот во Бам, Иран. Место нив, помош собираше и ја испрати во Иран граѓанска асоцијација на чело со Есма Реџепова - Теодосиевска.
Додека Скопје славеше со лимените труби на Горан Бреговиќ, за чиј хонорар градот не сака да зборува, светот најде начин дури и во најсевечените мигови да им оддаде почит на загинатите и да сочувствува со преживеаните. Во чест на 135 - те илјади жртви направена беше отстапка во традиционалниот новогодишен виенски концерт кој не заврши со веселиот Радецки марш, во Њујорк славењето на плоштадот Тајмс сквер почна со едноминутно молчење за жртвите, во Малезија и на Брунеии властите ја забранија прославата, а во Париз на Елисејските Полиња каде се собираат 400 илјади луѓе стеблата на дрвјата биле обвиткани со црни ленти. Во повеќето светски метрополи огнометите беа откажани, а парите за пиротехниката пренасочени за помош. Во повеќе европски земји и САД знамињата се спуштени на половина копје и се повикуваат луѓето да донираат средства за настраданите. (М.И.)
***
Цунамито далеку и од Владата
Македонската Влада на последната седница, пред празниците, донела одлука за давање материјално - финансиска помош на настраданите во земјотресот во југоисточна Азија и ги задолжила Министерството за надворешни работи и Министерството за здравство да утврдат од што ќе се состои помошта.
Сашо Чолаковски, портпарол на македонската Влада вчера рече дека се уште ништо не е дефинирано, но очекува на следната седница на Владата, планирана за шестти јануари тоа да се дефинира. Најверојатно, според Чолаковски, Македонија ќе испрати помош во лекови на настраданите од цунамито, но тоа допрва треба да се прецизира.
|