dejan |
A1 vesti.
Вајгел за две недели ќе реши дали ќе работи за Македонија
Макфакс
04.01.2005
Теодор Вајгел
Теодор Вајгел поранешен германски министер и експерт за финансиски и економски прашања, се уште ќе размислува дали да го прифати ангажманот на советник, што му го понуди македонскиот премиер Владо Бучковски.
По денешната официјална средба, дводневните разговори со премиерот Бучковски, Вајгел ги оцени како многу конструктивни, но истакна дека по 30 години минати во политиката, во која 10 години беше министер за финансии во германската влада, му треба време да биде малку со семејството.
„Од времето кое јас ќе треба да го вложам, ќе зависи и мојата лична одлука дали ќе го прифатам ангажманот“, рече Вајгел, кој во моментов е активен во својата правна фирма и е член на повеќе управни одбори на компании во Германија.
Советникот за односи со јавност во кабинетот на премиерот, Марјан Ѓуровски, искажа уверување дека Тео Вајгел ќе биде советник на македонската влада и дека деталите ќе бидат дефинирани во наредните 15 дена.
Во тој период, како што истакна Ѓуровски, ќе биде прецизиран протоколот на активности и ќе биде дефиниран тимот на соработници кој би го составил лично Вајгел.
Дали германскиот експерт, кој има големо искуство во реформите во ЕУ, ќе го прифати ангажманот, ќе се знае во февруари, за кога е закажана нова средба помеѓу Бучковски и Вајгел во Скопје.
Вајгел, вчера пристигна во Македонија по покана од Бучковски за да ја разгледаат понудата на премиерот, Германецот да биде главен советник за изработка и спроведување на планот за реформи, што беше најавен од премиерот уште во неговата пристапна беседа во Собранието, во декември 2004.
|