AaaAa |
Борис Трајанов доби оперски „Оскар“
МИА
04.01.2005
Македонскиот оперски пејач, Борис Трајанов е добитник на наградата на Градот Грац - „Оперски оскар“, за најдобра главна машка улога во 2004-та година.
Тој го доби ова признание за толкување на ликот Скарпија во операта „Тоска“ чија премиера се одржа на 13 ноември 2004.
За својот настап во оваа продукција, македонскиот баритон доби добри критики не само во австриски печат, туку и во глобалниот „Фајненшл тајмс“ што се печати во 22 изданија во светот.
Во критиката во објавена во „Фајненшл тајмс“ стои: „комплексен, заводлив и со саркастична злоба, Борис Трајанов на ликот Скарпија му даде неочекувани нијанси, произведувајќи тонови темни како да доаѓаат од неизмерната длабочина на пеколот до секавични високи тонови“.
Инаку, во текот на минатата година Трајанов пееше во серија претстави во престижните италијански оперски куќи во Рим и во Болоња и во германските во Фракфурт, Хамбург и во Есен.
Настапите на македонскиот баритон во Австрија продолжуваат и во наредните години, и тоа во Грац во истата продукција, во 2005 и во 2006 година.
Од септември до декември 2006 година Трајанов ќе пее во Виена во продукцијата на пучиниевата опера „Девојка од западот“, каде веќе има настапувано во улогата на тореадорот Ескамиљо во „Кармен“.
|