Богомил Ѓузел: Одбрана поезија |
n/a |
Богомил Ѓузел: Одбрана поезија (1962-2002)
Второ пришествие
1.
Утрово згазнав на мртовец
а застенка сета земја
зашто мртвите се земја
(Земјо – кога мртви, збогати се со нас!)
Низ дишењето на земјата
препознав кломбурци од здивот на мртвиот
што го згазнав.
(Пред светот да го срушиш
ослушни го своето дишење
и тоа ќе те спаси.)
2.
На станување мртвите ќе ја
испразнат ли сета земја
гушејќи се меѓу себе?
Дали ќе го видам тогаш
Таткото, кој е единствен без папок?
3.
Не е тоа шумолење на лисјето
туку шепот на мртвите во нашите уши
и не бразда в земја туку
свежа лузна врз снагата на мртвите
предвремено изгорени од варта.
Кога јадеме ги јадеме мртвите
и в грло ни запира не коска
туку парче од ножот ’рѓосан од крвта.
И не пупки туку брадавици пркнуваат напролет
од цицките на жените што цркале
и цркнале на врвот од своите сладострастија.
4.
Мртвите жртви ќе се истават од темелите
и сите одѕидани зданија ќе паднат.
Криптите ќе зјаат како празни складишта
гробовите ќе се отворат ко огромни чашки
на цветови не повеќе месојади
иконите ќе станат ваистина апостоли и светци
црквите – бидејќи непотребни – ќе бидат строшени
и во нивната прав ќе зацапа босоног Христос.
(Не сум за тотално безредие –
стига да се надмине презрениот Ред!)
И не корења туку корави артерии
што ќе ја пукнат карпата небитие
и ќе ја претвораат во појако постоење.
Неверници –
кога ќе се спуштат пајаците дур од небо
запомнете ги од иконите ликот на Спасителот
(простиот мртовец што утрово го згазнав)
за да го препознаете и за да ве препознае!
|
Thief |
[url="http://forums.vmacedonia.com/showfaq.asp?fldAuto=5"]ПОЕЗИЈА: ЃУЗЕЛ, Конески, Андреевски...[/url] |