Вевчанци поделија тетовски дипломи | |
Strelec | Неколку стотици маскирани василичари вчера продефилираа низ улиците на Вевчани и го претворија малото струшко село во голем театар на отворено. Со дефилето почна традиционалниот дводневен карневал со кој Вевчанци со векови ја пречекуваат Старата нова година. Преку маските василичарите ги прикажаа своите видувања за настаните што ја одбележаа 2004 година и на хумористичен начин ја искоментираа политичката ситуација во земјава. Најмногу внимание привлекоа "студентите од Тетовскиот универзитет" кои низ вевчанските сокаци продефилираа со транспаренти на кои пишуваше "Републик Илирида". Тие на гостите на карневалот им делеа дипломи. Сретсело се појави и расколникот Зоран Вранишковски, опкружен со десетина ѓаволи. Неколку вевчанци беа облечени во наметки на кои беа извезени амблеми на СДСМ и држеа транспаренти на кои пишуваше "Луди комуњари". На улиците се појавија и пливачи, кои се искапија во фонтана. Вевчанци маскирани во каубои од Дивиот Запад се возеа на кочија на која беше испишано "Хохштаплери". Имаше и космонаути, роботи, самураи, палми, пехари... На карневалската сцена минаа традиционалните и најстарите маски "убавиот август", "невестата и зетот", "музичарите" и "ѓаволите". Славењето продолжува и ноќта кога маскираните вевчанци одат од куќа до куќа и на домаќините им посакуваат среќа и симболично преку маските ги истеруваат злите духови. Потоа василичарите заминуваат на вевчанските извори, од кои полнат вода со која ја подготвуваат традиционалната погача со паричка. Карневалот ќе заврши денеска откако сретсело ќе биде изиграно традиционалното василичарско оро. Годинава карневалот го отвори заменик-министерката за култура Мелпомени Корнети, која истакна дека Вевчанскиот карневал станува синоним за празникот Василица и дека оваа традиција е многу важна. Беше отворена изложба на вевчанскиот копаничар Александар Баткоски. Меѓу гостите на карневалот беа потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Ганка Самоиловска-Цветанова и шоуменот Игор Џамбазов. |