a-pin-dim |
Селекторот Канатларовски со старите болки и пред мечот со Андора
Кој без клуб, кој без минутажа....
Најверојатно за претстојниот квалификациски дуел ќе биде повикан и повратникот од Литекс, Роберт Попов
Селекторот на нашата фудбалска репрезентација Драган Канатларовски - Цапар како и на предходните натпревари така и пред квалификацискиот меч со Андора, ќе се сретне со истите проблеми. Дел од стандардните репрезентативци се во потрага по нови клубови, некои од нив, како и порано, на подготовките со своите клубови имаат мала минутажа на контролните мечеви, а има и такви што се повредени. А кога на тоа ќе се додаде дека натпреварот со Андора се игра на 9 февруари, термин кога повеќето од репрезентативците нема да биде во натпреварувачки ритам, тогаш ќе треба добро да запнеме за да го турнеме аутсајдерот на плеќи. Иако Канатларовски предходно најави дека репрезентативци кои на подготвителните средби нема да настапат за своите екипи нема да ги повикува, тешко дека ќе си стои на зборот. Сепак поради слабата конкуренција за репрезентативниот дрес, евидентно е дека Цапар повторно ќе се потпре на старите сили.
- Тој е квалитетот на македонскиот фудбал. Знам дека многумина се без клубови, но да се надеваме дека набргу ќе најдат нова средина. И на мечот против Андора ќе се потпреме на фудбалерит што настапуваат во странство. Радува што за екипата на Литекс на контролните мечеви почна да настапува Роберт Попов - вели Канатларовски.
Инаку, во моментов во потрага по нови клубови се: Ѓорѓи Христов, Игор Митрески, Артим Шаќири, Игор Јанчевски, Милан Стојановски и Илчо Наумоски. Радува што Александар Васовски (Ајнтрахт), Гоце Седлоски (Динамо) и Драган Чадиковски (Зенит) најдоа нови средини. Панче Ќумбев се опоравува од операцијата на лигаментите, а повреден е и можната резерва на голманот Милошевски, Јорде Георгиевски. Како и пред зимската пауза најстандардни во своите екипи се: Горан Пандев (Лацио), Величе Шумуликоски (Зенит), Николче Новески (Мајнц), Миле Крстев (Гронинген), Александар Бајевски (Ференцварош) и Влатко Гроздановски (Омонија).
Списокот на репрезентативците за мечот со Андори нашито селектор ќе го објави околу први февруари. |