OooOo |
Косово доби прв српски министер
Косовскиот Србин Славиша Петковиќ, кој се противеше на политиката што Белград ја водеше кон Косово, завчера беше назначен за министер во косовската влада, јави Ројтерс.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај побара од Петковиќ да го води Министерството за враќање на српските бегалци во Косово. Петковиќ не е поддржан властите во Белград, но неговото назначување го поздравија западните дипломати, кои на ова гледаат како на конкретен напредок на Косово.
Тој стана првиот Србин што му се придружи на владиниот кабинет на Харадинај, кого Србија го обвинува за воени злосторства.
- Србите не треба да се вратат во колективните центри, туку во своите домови. Тоа значи дека Срби ќе има во Приштина, Призрен и во градовите каде што тие живееја порано - рече Петковиќ (38).
Министерот го игнорираше бојкотот на изборите, а неговата партија доби две од десетте пратенички места, резервирани за малцинствата во покраината.
За време на воениот конфликт околу 180.000 Срби и други малцинства ги напуштија своите домови на Косово. Сега речиси 100.000 Срби живеат во енклави, кои ги чуваат 18.000 војници на КФОР. |