Strelec |
ДЕЛОВИ ОД ЕВАНГЕЛИЕТО, НАПИШАНО НА КУКУШКИ ДИЈАЛЕКТ, СЛУЧАЈНО СЕ ПРОНАЈДЕНИ ВО АЛЕКСАНДРИСКАТА БИБЛИОТЕКА, ОД СТРАНА НА ФИНСКИ ИСТРАЖУВАЧИ, МОМЕНТ ОД КОГА РАБОТАТА ВО СВОИ РАЦЕ ЈА ПРЕЗЕМА ПОЗНАТИОТ СЛАВИСТ И ЛИНГВИСТ Д-Р ЈУХАНИ НУОРЛУОТО
"Кониковското евангелие" е многу важен ракопис за Македонците, бидејќи потврдува дека во Егејска Македонија, во 17 век се говорело на дијалект на македонскиот јазик. Тоа е доказ "пар екселанс", бидејќи е најстарото и најдолгото јужномакедонско евангелие, преведено на народен кукушки дијалект со употреба на грчки букви. Многу важен извор за истражувања на дијалектите во поновата историја на Македонија. Ексклузивитетот на изворниот материјал е во оригиналниот ракопис. Се работи за текст чиј автор е јеромонахот Павел Божигропски од селото Кониково (денес Дитико), по кого е и именуван овој ракопис. По Втората светска војна се губи трагата на отпечатениот текст, а се верувало дека и оригиналниот ракопис е загубен. Овие ексклузивни сознанија, вчера ги презентираше проф. д-р Јухани Нуорлуото од Универзитетот во Хелсинки, и на предавањето што го одржа во МАНУ. Евангелието е откриено при крајот на 2003 година, и тоа сосема случајно, кога една финска екипа истражувала антички и грчки ракописи во Патријаршиската библиотека во Александрија. За тоа веднаш бил информиран познатиот славист и лингвист Нуорлуото. Тој, пак, се поврзал со наши експерти од МАНУ и од Институтот за македонски јазик и заедно почнале да го истражуваат овој мошне значаен документ. Инаку, лани, на научна конференција во Охрид, финскиот професор веќе одржал предавање токму за "Кониковското евангелие". Според досегашните истражувања, во 1852 година Павел Божигропски текстот го објавил во Солун, а Јордан Иванов, бугарски славист, во 1939 година објавил печатено издание на Евангелието, но ним им се загубила трагата. На пронајдените 74 страници, а се верувало дека првобитно биле 124, биле вметнати и коректури за кои, според истражувачите, со сигурност не може да се каже дека се направени од раката на Божигропски. "Можеби тој ги направил во поодминати години, па му се променил ракописот или ги диктирал, па некој друг ги внесувал измените. Очекуваме дека ќе најдеме и друга документација. Најдени се и руски записи кои датираат од 17 век", вели проф. Нуорлуото. Тој заедно со македонските експерти, планираат да објават и научно-истражувачко издание за "Кониковското евангелие" на македонски и на англиски јазик, чија промоција е планирана во 2008 година, за време на меѓународната конференција за славистика што ќе се одржи во Скопје.
|