silijeski |
Бугарија треба да ја признае депортацијата на македонските Евреи кои беа погубени во германските концентрациони логори за време на Втората светска војна. Ова го изјави потпретседателот на Конференцијата на претседателите на основните американски еврејски организации, Малком Хонлај, еден од највлијателните Евреи во САД.
На прашањето за тоа дали бугарскиот народ се гордее со тоа што ги спаси своите 50.000 Евреи од логорите на смртта, во интервју за софискиот весник ?Стандардди одговара: ?Признаваме и го поздравивме народот на Бугарија, бугарската црква. Сметаме дека сето тоа треба да се знае, но заедно со тоа треба да се признае и депортацијата на другите Евреи што ги снајде трагична судбинааи. Според познатиот американски Евреин, дамките од историјата не можат да се исчистат со одрекување или со омаловажување на нештата со што се предизвикуваат забуни. ?Најдобар начин е спрема фактите да се приоѓа отворено и чесно и да се признаат грешките од минатотоои, вели Хонлај.
Во врска со тоа каква била улогата на цар Борис Трети за депортацијата на Евреите од Македонија, Тракија и дел од Србија, кои биле под окупацијата на Бугарија, и дали премиерот Симеон Сакскобурготски, кој е син на Борис Трети, треба да се извини за делата на својот татко поврзани со трагичната судбина на 12.000 Евреи, Малком Хонлај вели: ?Тоа е тема што треба да се разгледа. Бугарскиот амбасадор во ОН говореше за тоа прашање многу отворено и луѓето го прифатија. Сметам дека премиерот Сакскобурготски сам треба да реши како да постапи во однос на тоа прашање. Но, според мене, единствениот начин како можеме да се однесуваме спрема историската вистина е да се исправиме очи в очи пред неа и да се поучиме од историјата кога ќе ја признаеме за да не дозволиме такви настани во иднинааи.
На прашањето како го коментира симнувањето на името на цар Борис од Меморијалната шума во Израел во 2000 година, тој подвлекува: ?Не сум експерт за тоа прашање. Но, сметам дека еден од аргументите се фактите кои излегоа на бел свет, вистината за тоа што се случилоои.
Плочата на цар Борис поставена во Меморијалната шума во Израел беше подигната по иницијатива на бугарски Евреи иселени во САД. По дознавањето на тоа, Еврејската заедница од Македонија поведе иницијатива таа да биде симната, зашто бугарскиот цар не го заслужува тоа. Напротив. Тој бил на чело на бугарската држава која ги испрати македонските Евреи и Евреите од другите окупирани територии на Балканот во злогласниот логор Треблинка и затоа е највиновен за нивниот геноцид. Тој нема никаква заслуга ниту за тоа што бугарските Евреи не биле испратени во концентрационите логори. За тоа најголема благодараност заслужува потпретседателот на тогашниот бугарски парламент Пешев, кој повел голема кампања за нивно спасување, потоа бугарската црква и, се разбира, бугарскиот народ, кој цело време стоел зад Евреите. |