OooOo |
Белците бегаат од Холандија
Американскиот весник „Њујорк тајмс“ пишува дека се повеќе бели Холанѓани од средната и ниската класа се селат во Канада, Австралија или во Нов Зеланд. Според весникот, „бегалскиот бран“ почнал по убиството на холандскиот режисер Тео ван Гог од страна на радикален исламист.
- Се повеќе Холанѓани што се богати или имаат удобен живот сакаат да ја напуштат земјата - изјавил Франс Бјусе, сопственик на агенција што им помага на Холанѓани да се сместат во друга земја.
- Кандидатите за емигранти се успешни луѓе - инженери, физиотерапевти, компјутерски експерти. До пред пет години моите клиенти главно беа фармери, кои бараа место со повеќе земја - додал Пол Хилтеман, сопственик на друга слична агенција.
Холандија е најгустонаселена европска земја, со 16,3 милиони жители, од кои една десетина се доселеници од посиромашни, главно муслимански земји. Годишно земјата ја напуштаат околу 30.000 лица, додека лани бројот изнесувал 40.000. Убиството на режисерот Ван Гог, поради филм во кој ја критикува положбата на жената во исламот, ја шокира традиционално либералната и отворена Холандија. Убиството предизвика и напади врз џамиите во Холандија. |