dejan |
nekoi treba film da napravi od ovaa zhalna prikazna!
http://www.novamakedonija.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=14&tabid=0&EditionID=376&ArticleID=15811
Судбини Средба по половина век
Мице ПАШОЕВСКИ
Беше сончев мартовски ден кога Костадин М. од Велес отиде во една од скопските болници за да се прегледа и да се потврди дијагнозата - дали навистина е болен од лоша, неизлечива болест. Чекаше три часа да биде повикан во ординацијата на лекарот. По прегледот и по разгледувањето на изработените анализи докторот му рече:
-Костадине, ајде облечи се и врати се дома!
-Докторе, ова значи дека нема потреба од лекување! Болеста ќе ме умре, рече како без душа и започна со облекувањето.
Докторот собирајќи ги ливчињата од анализите некои препишани поранешни рецепти и исплатници му рече:
-Уште долго ќе живееш, зашто не си болен.
-Благодарам докторе! - излезе од кај докторот, аод грбот како да му се симна тежок товар и оттаму се упати со автобус до железничката станица.
Откако купи возен билет, си купи еден ѓеврек и чекајќи да биде поставен возот седна на клупата да касне. Јадејќи помисли дали докторот ја кажа вистината за неговото здравје или пак веќе е доцна да се превземат мерки за лекување. Во 15 часот пристигна брзиот воз од Белград и од вагоните почнаа да слегуваат мажи, жени и деца. Истовремено во истите вагони се качуваа други патници. Костадин влезе во едно купе каде што седеше само една пристара жена.
-Добар ден госпоѓо! Слободни ли се седиштата или пак местата ги чувате за некого? - праша Костадин држајки ја торбата в раце.
Жената чиј поглед беше свртен кон прозорецот го погледна и рече:
-Да слободни се! Повелете седнете, не симнувајјќи го погледот од ликот на Костадин.
Додека стоеше возот на станицата, Костадин гледаше низ прозорецот, сакајќи да види некој пријател од неговиот град, да ја споедели со некого убавата вест. Жената и натаму гледаше кон Костадин и размислуваше од каде го познава. По десетина минути возот тргна оддалечувајќи се од железничката станица. Дури тогаш Костадин погледна кон непознатата сопатничка и ја праша.
- Госпоѓице, ако не е тајна, за каде патувате?
- До Солун, а од таму за село Пожарско. А вие за каде патувате?
-До Велес!
-Господине, ми се причинува како од некаде да ве познавам. Во право ли сум или ме лаже умот?
-Можеби така ви се причинува. Јас вас не ве познавам, отсечено рече зачешувајќи се со левата рака на тилот.
-Вие не се сеќавате на мене, а јас сто насто ве препознав кој сте и како се викате, рече жената и продолжи - Простете ако згрешив, да не се викате Костадин М.
- Да, погодивте! Некој ви го кажал моето име и презиме.
- Костадине, сте ме заборавиле или пак се преправате дека не ме познавате. Ќе ти кажам уште дека не си роден овде, туку во некое село во Егејска Македонија.
- Да! За време на Граѓанската војна во Грција, како и многу бегалци од Мегленско, ја поминав границата и досега сум живеел во повеќе места. А, ти зошто толку многу пројавуваш интересирање за мене?
-Господине Костадине, не лути се и не плаши се, ќе ти кажам с#232; по ред. Пред Граѓанската војна да не беше женет за девојка по име Крста? Презимето ми е Колева.
- Да - веќе помисли на првата венчана, оставена и заборавена жена. Зар е можно да си ти мојата прва жена Крста!?
- Јас сум мил мој и заборавено либе! рече таа исправувајќи се како бреза пред Костадина.Можеби таа беше подготвена да и за прегратка и бакнеж, но само се поздравија, гледајќи се немо очи во очи .
Очите на Крста се наполнија солзи и кога веќе почнаа да и течат по образите, посегна по шамивчето да ги избрише. Тогаш Костадин рече:
- Да седнеме и да го продолжиме разговорот. Не плачи воздржи се, биди храбра како и досега, готов и тој да се расплаче. Судбината таква ни била без вина и без збогум да се разделиме. Ти да живееш од другата страна, а јас од оваа од границата. Граѓанската војна е виновна што се случи да се преженам, а ти... Имаш јака меморија штом ме препозна по изминат половина и кусур век!
Крста по малку успеа да го смири ритамот на возбуденто срце.
-Да не го видов твојот белег на лицето и доколу една видовите жена не ми кажеше дека денеска ќе имам средба во воз со мојот прв венчан маж, а мислам на тебе, можеше и да не те препознам. Ми даде и опис во каква боја костум си облечен, со каква капа, шал, а ми рече дека си и без заби. Многу си остарен и пропаднат Костадине!
- Да острен, штрб и слаб! Крстинке, измачен човек сум. Работев 36 години тешка физичка работа, со мотика, лопата, копач... Сега сум пензионер со мала пензија. машала, ти добро се држиш! Си ја зачувала снагата, а и помлада си десетина години од мене. А сега кажи ми кај кои луѓе во Скопје си била на гости? Кажи ми колку деца имаш и од каде пари обезбедуваш за живејачка?
-Се враќам од гости од главниот град на Германија. Таму живеат и работат син ми и снаата. Работата им е лесна, а платите големи. По една година ќе се вратат во Пожарско. Со спечалените пари, ако даде Господ здравје ќе градиме нова куќа и работилница. Во селото живеам со ќерка ми и зетот. И тие се добри со живејачката. Момчето ланската година од болест ми почина, Бог да го прости! Со него сложно живеевме како брат и сестра. Десет години те чекав да се вратиш и да го продолжиме животот. Кога дознав дека си женет се омажив и јас.
-Крсто, не обвинувај ме за разделбата. Такво беше времето. Ти не знаеше за мене, а јас не знаев дали ти си жива. Неколку години со ред, додека односите со Грција и Југославија не беа добри, не се испраќаа ни писма. Јас се оженив и греота е да се поплачам од жената која ми роди два сина. Оженети се и имам внучиња. Морав во тоа време да ја поминам границата и да живеам во Македонија. Ако останев таму,можеби немаше да бидам жив. Еднаш куртулив од бесилката, благодарение на еден пријател од селото Саракиново, за време на бранот на бегалците од селата на Мегленско, овде во Македонија и во Војводина те побарав, а ми кажаа дека си останала во родниот крај.
- А сега да те прашам, зошто во изминативе години не си решил ни еднаш да дојдеш во родниот крај, да ја видиш куќата, нивите, па и мене.
Кога бев помлад не можев да добијам виза без која Грците не препуштаат никого. Подоцна со пасошот на жена ми се обидов, но ме открија и ме вратија. Ми рекоа на границата дека сум го визирал пасошот на жена ми и потоа сум ја залепил мојата слика на истиот пасош. Така се вративме од границата без да ми се исполни желбата за посета на родниот крај. Сега веќе сум стар и за никаде. А и право да ти кажам немам пари. Едвај од месец на месец, на вересија купувам, додека да ја примам пензијата.
Штом ти е таква материјаланта состојба да ти дадам малку пари, барем да си ставиш заби и...
Благодарам. Ако бидат укинати грчките визи и доколку Господ ми даде здравје и живот ќе се обидам да дојдам во село Пожарско да го видам моето огниште, нивите и бањата. Велат дека Пожарско станал туристички и бански град.
-Дојди, ќе видиш и ќе имаме време за разговор, за запознавање на твоите со моите деца.
-Ветувам дека ќе дојдам со синот, снаат и внукот. А сега дојде време да се разделиме, зашто возот веќе стигна до Велес, каде што живеам.
Костадин стана, а по него се исправи и Крста. Се погледнаа, се прегрнаа и по бакнежот Костадин побрза да се симне. Крста со солзи на очите го отвори прозорецот и гледаше се додека возот не тргна. Мавташе надевајќи се дека нема да чека уште половина век за уште еднаш да го види својот прв сопруг Костадин, кој остана да стои на перонот додека возот сосема не изгуби во далечината.
|