dejan |
http://www.vreme.com.mk/vest.aspx?id=22448
Лека ќе оди во Хаг за киднапираните Македонци
Тетовецот Даут Реџепи-Лека наскоро може да биде обвинет од Хашкиот обвинителство за убивање цивилно население, откако завчера тетовскиот суд ги прогласил 12-те киднапирани Македонци за починати, тврди Ванчо Шехтански, адвокат на роднините на киднапираните.
- Со оваа одлука на Основниот вонпарничен суд во Тетово, киднапираните се сметаат за починати, а делото се преквалификува во убиство на цивили, за што е надлежно Хашкото обвинителство. Сега државниот обвинител Александар Прчевски треба да и го предаде предметот на Карла дел Понте, а бидејќи Лека веќе го призна делото, логично е да се очекува таа да поднесе обвинение - објаснува Шехтански.
Роднините на 12-те Македонци уште пред неколку години поднеле кривични пријави против Лека, како директен извршител на киднапирањата и на убиствата и командант на 112. бригада на ОНА, и против лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како претпоставен на Лека, односно врховен командант на ОНА.
Оваа кривична пријава уште пред две години била прифатена од тетовскиот суд, а потоа била предадена во Скопје, каде што Велче Панчевски, истражен судија од Основниот суд Скопје 2, ја води истрагата за случајот.
Во таа пријава е сместен и извештајот на комисијата за киднапирани и исчезнати лица, предводен од амбасадорот Ларс Вахлунд.
При првиот распит на комисијата, Лека тврдел дека нема никаква врска со киднапирањата. Но, во мај 2002 година на состанок во Тетово, Вахлунд бил информиран лично од Ахмети дека командант Лека е човекот што стои зад киднапирањата на цивилите.
Извештајот на оваа комисија е основата врз која тетовското обвинителство постапувало против Лека.
Тој документ бил испратен и до Хашкиот трибунал, но оттаму не било поднесено обвинение, со образложение дека не е утврдено што се случило со киднапираните.
Според партиски извори, кодошењето на Ахмети било причина Лека да стане член, а потоа и потпретседател на ДПА.
Според судски извори, во кривичната пријава против Лека стоела негова изјава дека знае оти осум Македонци се киднапирани, а потоа ликвидирани, од паравоена единица, која била под негова директна команда. Лека се правдал дека врз таа единица имал само делумна контрола.
Оваа изјава Лека ја дал во јули 2002 година, пред да бидат најдени и идентификувани четири тела на киднапирани Македонци.
|