Се тресе коалицијата СДСМ-ДУИ?
Се тресе коалицијата СДСМ-ДУИ?
Ceki Ова е чист предизборен маркетинг на Владо Бучковски, бидејќи е загрижен од резултатите на СДСМ во првиот изборен круг, возврати вчера Ермира Мехмети, портпаролка на ДУИ, на оцената на премиерот дека и албанскиот партнер во Владата треба да се однесува посериозно во вториот круг гласање. Таквата реакција се толкува како сериозно заладување на односите меѓу коалициските партнери, од кои зависат резултатите на двете партии во вториот круг. Шефот на штабот на Ристо Пенов по првиот круг изјави дека „коалицијата има завиден контингент гласови за вториот круг“, алудирајќи на албанското гласачко тело во Скопје. Андреј Жерновски повлече паралела со победата на Бранко Црвенковски во вториот на претседателските избори. Односите дополнително ги затегна изјавата на премиерот Бучковски дека во вториот круг „не смее да се повторат нерегуларности и инциденти“. - Не посочувам дека слабостите се само во опозицијата, туку можам јавно да порачам дека и дел од нашите коалициски партнери, пред се мислам на ДУИ и на Обединетата партија на Ромите, мора многу подемократски да се однесуваат при гласањето - рече Бучковски. Во ДУИ тоа го дочекаа „на нож“. - Ја сфаќаме загриженоста на премиерот поради изборниот резултат на неговата партија и мислиме дека неговите изјави се во функција на подобрување на позициите пред вториот круг. ДУИ најдобро се постави на изборите и не е јасно зошто некој е загрижен поради нашиот изборен резултат. Нашите кандидати добија најмногу гласови дури и во општини во кои не се очекуваше да поминат кандидати-Албанци, како што се примерите во Долнени, Маврово, Јегуновце - вели Мехмети. Таа посочи дека ДУИ останува отворена за соработка со коалициските партнери во Владата во вториот изборен круг. Во ДУИ сметаат дека предизборна кампања е и најавата на Бучковски дека државата правно и финансиски ќе му помогне на Љубе Бошковски во процесот во Хаг. Затоа партијата на Ахмети не го прифаќа тој предлог. Вчера од кабинетот на премиерот изјавија дека Бучковски кажал што има да каже и дека неговата изјава била јасна и целосна, така што не се потребни дополнителни коментари. За разлика од жестоката реакција на ДУИ, во ОПРМ ја оценуваат изјавата на Бучковски како добронамерна. Затоа, пак, и ОПРМ има забелешка за ДУИ, бидејќи смета дека таа партија во Шуто Оризари му помагала на Амди Бајрам, опозицискиот кандидат за градоначалник. - Не гледам ништо лошо во изјавата на премиерот. Мислам дека тој сакаше да порача оти коалициските партнери треба да соработуваат на изборите. Наспроти тоа, ние имаме сериозни индиции дека ДУИ во Шуто Оризари работела за Бајрам, кој беше подготвен и да ја предаде општината и нацијата за градоначалничка функција. Тој вееше знамиња на ДУИ и го скандираше името на таа партија. Резултатите покажаа дека советничката листа на ДУИ добила речиси ист број гласови колку и Бајрам. Апсурдно е како во една општина со претежно ромско население албанските партии да добијат најмногу советници. ДУИ има пет советници, исто колку и ОПРМ, а ДПА тројца. Тоа е како Ромите да имаат мнозинство во Советот на Тетово - вели Неждет Мустафа, претседател на ОПРМ. ******** Лидерска средба во вторник Премиерот Владо Бучковски за вторник напладне ја закажал лидерската средба, на која се поканети партиите што имаат свои кандидати во вториот изборен круг. Бучковски веќе ги испратил поканите до сите партии и очекува повратен одговор. Тој завчера ја најави средбата, наведувајќи дека партиите треба да се договорат како вториот изборен круг да помине во мирна и демократска атмосфера, без инциденти и неправилности. Во вториот круг гласање кандидати имаат партиите од владејачката коалиција „Заедно“, партиите од здружената опозиција, ВМРО-НП, ДУИ и коалицијата ДПА-ПДП, која најави бојкот. http://www.vreme.com.mk/vest.aspx?id=22581