dejan |
interesno.......http://www.vecer.com.mk/tekst.asp?tid=8114
Од вкупно девет милиони, 15,8 отсто од жителите на Шведска се со странско потекло. Тие или се родени во странство или пак нивните родители се родени во странство. Но, застапеноста на горенаведениот процент жители со странско потекло во институциите на земјата ниту од далеку не ја отсликува реалноста. Првиот поголем бран економска имиграција во Шведска се случи на почетокот на шеесеттите години на минатиот век. Тогаш, за потребите на земјата, од јужна Европа "рачно" беа избрани млади и здрави мажи и жени за потребите на индустрискот развој на земјата. Поголемиот број од овие луѓе се веќе, од едни или други причини, во пензија. Во седумдесеттите следи вториот голем бран имигранти во Шведска, овојпат од Јужна Америка, најголемиот број дојденци се политички бегалци од Чиле. Во осумдесеттите следи бранот политички бегалци од Иран, Ирак, Либан, во деведесеттите бегалци од војните во екс-Југославија и на крајот имигранти од Сомалија. Ваквиот мултиетнички состав го дополнуваат, покрај останатите, и Финците како најголема група (околу 300 илјади). Малцинства и малцинска политика не постоеја до пред пет години. Денес, според официјалната политика Шведска има пет малцински групи: Финци, Шами, Торнедал Финци, Роми и Евреи. Но, немојте да мислите дека ова е резултат на високата свест на мнозинскиот народ. Не, туку резултат на долгогодишната борба на малцинствата за сопствени права. Она што со години се знаеше, или ако сакате беше јавна тајна, излезе на видело деновиве. И, како што тоа обично бива, предизвика лавина реакции, коментари и нови податоци... Имено, според извештајот на професорот по кривично право Кристијан Дисен, под наслов "Еднаквост пред законот", против лица од странско потекло многу почесто се покренува обвинение за разлика од лица со шведско потекло, истите не само што многу почесто се обвинуваат туку им се изрекуваат и построги казни. На пример, за сосема ист прекршок, возење под дејство на алкохол, странец се осудува на казна затвор, а Швеѓанец условно или со глоба. По објавување на извештајот на проф. Дисен тргна лавината, па така, деновиве можевме да го прочитаме и да го слушнеме тоа што го знаевме, тоа што беше јавна тајна: мултиетничка Шведска не е доволно застапена во институциите на земјата, Швеѓаните од странско потекло се дискриминирани, тие многу потешко доаѓаат до работа, за иста работна задача различно се платени. На пример, некој новинар исчепка дека на исто работно место, дипломиран инженер Швеѓанец, има 900 евра поголема плата од колегата, дипломиран инженер од странско потекло. Повеќе од две децении Шведска не знае што да прави со големиот број таксисти со завршен медицински или некој друг факултет, со поштари со докторски дисертации, со продавачки со педагошки факултет... Странците се мислена именка по судовите како, на пример, судии... во редовите на полицијата... На странците, банките многу, многу потешко им одобруваат станбен кредит... Примери има многу. Споредувањето е неблагодарна работа, па затоа не би сакала да ги споредувам Шведска и Македонија. Првата е развиена земја, а втората е во развој. Но, допирни точки има, како на пример интеграцијата на малцинствата во општеството. Не се воопшто за потценување напорите што ги прави Македонија последниве години за застапеност на малцинствата на сите нивоа во општеството, според нивниот број. Честито Македонијо, навистина можеш да се гордееш заради твоите цврсти определувања демографскиот состав на населението да биде твое огледало. Ти можеш и треба да бидеш пример за Шведска. Она што ти го постигна за две години, Шведска не го постигнала за педесет. На секој Македонец, без оглед на потеклото, му советувам, во средба со Швеѓаните, каде и да е, да не заборави да праша: ,,Извини, а што направи твојата земја за малцинствата и останатите Швеѓани од странско потекло за нивна интеграција во општеството. Дали твојата земја е мултиетничка само декларативно или вистински."
|