n/a |
Нанче: Во Охрид се возел „бугарски воз“
Александра М. Митевска
Власта ја потценува изборната волја на граѓаните, особено преку фалсификувањето на изборите во Охрид и повлекувањето на нејзиниот кандидат од трката за Скопје, порача вчера од Охрид ВМРО-НП. Илјадници охриѓани и вчера, четврти ден по ред, протестираа во центарот на градот и пред зградата на општината барајќи поништување на вториот изборен круг. Според првичните информации од изборната комисија, градоначалничкиот кандидат на СДСМ Александар Петревски го победил Кирил Трендафилов-Нанче од ВМРО-НП. Во очекување општинската изборна комисија да ги разгледа приговорите за гласањето и резултатите, двајцата кандидати вчера, во изјави за „Време“, меѓусебно се обвинуваа за нерегуларности на гласањето во неделата.
Градоначалничкиот кандидат Нанче вели дека на изборите во неделата имало куп неправилности за кои се поднесени петнаесетина приговори до ОИК, која треба да се изјасни до денеска до 19 часот.
Според Нанче, на гласањето во најмалку 15 избирачки места се спровела техниката „бугарски воз“, на други места се полнеле кутии, било регистрирано и „гласање“ на починати лица или на лица што не се во државата, а приврзаниците на неговиот противкандидат почнале да ја слават победата уште во 18.30 часот, пред затворањето на гласачките кутии. Нанче вели дека по лажната тревога за подметната бомба завчера била испразнета општинската зграда, за во неа да влезат само неколку луѓе, за кои претпоставува дека биле во ОИК да испеглаат дел од нерегуларностите.
Кандидатот на СДСМ, Петревски, пак, укажува дека приврзаниците на ВМРО-НП вршат притисок врз ОИК, без да ги почекаат резултатите од приговорите.
- Го разбирам неговото незадоволство, ама мислам дека протестираат без причина, бидејќи прво треба да видат што ќе одлучи комисијата. Охриѓани не паметат толку мирни и фер избори и досега ниту еден кандидат на ниедни избори не освоил толку гласови. По гласањето немаше речиси никакви забелешки, ниту од набљудувачите, ниту во записниците од избирачките места. Само приврзаниците на ВМРО-НП правеа притисок, шетајќи со автобуси што дојдоа од други градови, а вечерта по гласањето една група предводена од Љупчо Балковски упадна во ОИК - вели Петревски.
- Охрид не е изолиран случај. Власта ги потценува гласачите и изборната регулатива на национално ниво.Таков е и примерот со актуелниот градоначалник на Скопје, кој се повлече од вториот круг, што е спротивно на изборниот закон, бидејќи утврден кандидат за градоначалник не може да се тргне од изборите и да води антикампања - рече Ѓорги Трендафилов, портпарол на ВМРО-НП.
Тој посочи дека Републичкиот судски совет лани повел постапка за разрешување на судијата Иво Поповски, кој на овие избори е претседател на охридската изборна комисија. За потпретседателот на комисијата, Ристе Силјановски, Трендафилов вели дека бил близок до СДСМ.
Нанче на гласањето во недела освоил околу 15 илјади гласа, а Петревски околу 17 илјади. Во првиот изборен круг СДСМ доби и мнозинство во Советот на Охрид, со девет избрани советници. ВМРО-НП има пет советници, а ВМРО-ДПМНЕ - четири.
|