dejan |
lele, so ovaa vest, tesko da staneme kandidat na EU!! DUI i DPA ni pravat problemi, i dodeka SDSM ne napravi nesto za da gi iskornat, ke odime dole so niv.
Инцидент при прегласувањето во општина Студеничани
Владимир Поповски
24.04.2005
Еден ранет и неколку претепани е исходот од инцидентот што утрово се случи во село Вртекица, општина Студеничани. На прегласувањето од вториот круг, поради партиски несогласувања на релација ДПА-ДУИ, дошло до вооружена престрелка во која учествувале партиски активисти.
Расправијата почнала претходната вечер, но кулминирала денеска на избирачкото место, кога со пиштол е ранет Амет Амети и однесен во Градската болница.
„Денеска примивме пациент на нашата клиника, повреден со огнострелно оружје, значи со огнострелна повреда, која е во предел на десната рака. Има влезна и излезна рана, повреда на меките ткива. Пациентот е вон животна опасност, се работи за тешка телесна повреда и продолжува неговото интензивно лекување“, изјави д-р Божин Ефтимов, директор на Градска болница.
Во инцидентот, според полицијата, учествувале група граѓани. Останатите, меѓу кои и активистот кој пукал кон политичкиот противник, се во бегство.
„Настанала најпрво расправија, а потоа и тепачка од една страна меѓу двајца браќа, од друга страна едно лице, извесен Амет. Кон него било пукано со огнено оружје, повреден е во делот на десната подлактица, пренесен е во Градска болница и е надвор од животна опасност“, рече Горан Павловски, шеф на кабинет во МВР.
„Сторителите се познати и во моментов се превземаат мерки за нивно приведување. На ова му претходел друг настан, тоа било полнење на кутии внатре во гласачките места. Полицијата ингеренции во гласачките места нема, туку надвор од нив“, додаде Павловски.
Според Државната изборна комисија, гласањето и на двете избирачки места е прекинато поради насилно полнење на гласачките кутии.
„Според неофицијалните информации, на двете избирачки места гласањето било прекинато. Претставници од ОИК се излезени на терен и очекуваме официјални информации за што станува збор“, вели Зоран Таневски, портпарол на ДИК.
Освен во Студеничани, се прегласуваше и во Шуто Оризари на 2 избирачки места. Водечкиот по вториот круг кандидат за градоначалник Амди Бајрам е во затвор и доколку тој победи, целиот изборен процес ќе се повтори.
Доколку победи кандидатот на владеачката коалиција Ердоан Усеини, тој ќе биде градоначелник. Гласањето во Шутка се одвиваше нормално и без инциденти.
„Без никакви забелешки, мирно се гласа, проблеми нема“, изјави Мимош Халел, претседател на ИО во Шуто Оризари.
Освен Студеничани и Шуто Оризари, сите останати општини имаат избрано локални власти.
|