intel |
Од средината на јуни почнува изградбата на ски-центарот Кожуф, лоциран на Кожуф планина. Ќе се градат хотели, викенд населба, туристички бачила, модерни спортски терени, жичари, меѓународен хелиодром, по урнек на светските ски-центри.
Треба да биде завршен за 3 години. Вкупната вредност ќе чини 72 милиони евра. Ќе го гради македонско-грчка фирма со доминантен македонски капитал.
Дел од парите се веќе обезбедени, за дел ќе се бараат кредити. Инвеститорите очекуваат огромен број на туристи, не само од земјава, туку и од соседна Грција и од останатите земји.
„Она што природата го дава како компаративна предност во овој регион, во близината на големите градови Солун и Скопје, големите воздушни пристаништа, ние максимално испроектиравме да изградиме содржини од врвен европски и светски стандард“, изјави Ангел Наков, ски-центар Кожуф.
„Ова е една врвна европска понуда и оваа понуда во суштина 80% од капацитетите ќе одат на меѓународниот туристички пазар“, додаде Наков.
Заедно со еден од инвеститорите денеска на Кожув планина на местото каде ќе се гради ски-центарот се прошета и премиерот Бучковски.
„Проектот за ски-центар Кожуф е еден од проектите кои заслужуваат поддршка од Владата на РМ. Тоа покажува дека Владата не треба само да бара странски директни инвестиори, туку да ги поддржи и домашните проекти, домашните инвеститори“, рече Владо Бучковски, премиер.
Владата ќе го помогне овој проект со изградба на инфраструктура, односно патиштата кои го поврзуваат идниот туристички центар со Демир Капија и Гевгелија.
Во Владата не откриваат колку пари тоа ќе чини, само велат дека Ќе се обезбеделе од фондот за патишта.
Овие прекрасни планински предели во 2006-тата ќе станат скијачки центри. Идејата Кожуф да стане ски-центар е стара од пред неколку години, а сега повторно се возобновува.
|