melpomena |
И официјално стартува приватизацијата во примарниот стоматолошки сектор
Со новиот ценовник за стоматолошки услуги за вадење заб ќе се плаќа партиципација 70 денари
За да може да ги лекуваат забите на товар на здравственото осигурување, осигурениците треба да изберат матичен стоматолог на кого ќе му го доверат оралното здравје. Овој процес на избор на матичен стоматолог ќе стартува од 1 мај и ќе трае во наредните десет месеци. Ова значи дека пациентите не треба веднаш да се изјаснат за матичниот заболекар, туку може да го сторат тоа при првото јавување кај стоматолог. Доколку за десет месеци пациентите не изберат свој заболекар, тоа ќе може да го сторат и по овој период, зашто во спротивно нема да може да ги лечат своите заби на товар на Фондот за здравствено осигурување.
Матичен лекар може да биде општ стоматолог. На листата се наоѓаат 436 стоматолози и тоа оние кои веќе зеле ординација под закуп може да бидат избирани за матичен лекар. Но, матичен стоматолог може да биде и лекар од приватниот сектор кои, исто така, ќе имаат право да склучат договор за работа со Фондот. Во подрачните фондовски единици досега се имаат пријавено над 400 стоматолози за работа со Фондот.
Тие ќе имаат обврска да вршат контролни прегледи, да вадат и да ги лекуваат забите, како и други услуги предвидени со основниот пакет. Според ценовникот, за осигурениците со сини картони, пломбирање заб ќе чини 90 денари, а вадење 70 денари. За секое лекување заб партиципацијата изнесува 120 денари, додека за помали стоматолошки услуги осигурениците ќе плаќаат по 80 денари.
За специјалистички услуги, орална хирургија, ортодонција и слично, општиот стоматолог ќе мора на осигурениците да им дава упат за до специјалистите во други здравствени установи или во Стоматолошкиот клинички центар, велат во Фондот за здравствено осигурување.
Партиципацијата од извршените услуги ќе останува кај матичниот стоматолог, кој од фондовската каса месечно ќе добива и по 45 денари за секој осигуреник што ќе се изјасни за него како матичен лекар, што е дел од новиот начин на финансирање на стоматолошката дејност.
Работата на стоматолошките ординации со сини картони не е задолжителна за сите заболекари. Кај нив ќе се плаќа полната сума на извршената услуга, за што досега за едно пломбирање заб се земаше до 500 денари. (Ј.Ј.)
www.utrinski.com.mk |