Strelec |
НОСТАЛГИЈА ПО КОРЕНИТЕ НА ФАМИЛИЈАТА
Мајка ми како дете ме успиваше со македонски песни. Никогаш нема да го избришам од моите сеќавања нејзиниот топол глас кога пред заспивање ми ја пееше својата омилена "Докторе, глава ме боли". Во мојата фамилија отсекогаш се говореше македонски, како и во многу други семејства, раскажува професорот на истанбулскиот и харвардскиот универзитет Џемал Кафадар, Турчин чии корени се од Македонија.
Педесетгодишниот Кафадар е стручњак по отоманска историја, а деновиве го сретнавме во Кавадарци, каде што беше во потрага по сопствените корени. По мајка потекнува од мариовска фамилија, а татко му бил од свештеничката лоза Катиповци. Додека живееле во Кавадарци саделе главно тутун и афион, а подоцна во Турција семејството на татко му се бавело со трговија. Роднините по мајка се преселиле кај Бурса и таму произведувале зејтин. Соседите главно им биле Турци, дојдени од Македонија.
Човекот чиешто презиме многу потсетува на името на градот Кавадарци во Македонија беше дојден како дел од екипата што снима документарен филм за настани од времето на отоманската империја.
- Дедо ми по татко заминал од Македонија во 1913 година. Мајка ми, пак, била бебе од само 40 дена кога во 1926 нејзините родители решиле да ја напуштат Македонија и да заминат за Турција. Морале да заминат под притисок на српската власт. Сите пари што ги добиле од продажбата на имотите, ги сокриле во пелените на мојата мајка и така ги пренеле преку граница. Уште од најмала возраст ми зборуваа за Македонија и за нејзината убавина. Во детските приказни што ми ги раскажуваа секогаш имаше место за родното огниште. Во тие приказни беа градовите и селата од Тиквеш, личности и фамилии, месности од Демир Капија до Градско. Моја животна желба беше да ги посетам родните краишта на моите предци. Редовно ги посетував во моите соништа. Денес тие мои соништа станаа стварност - со емоции говори Џемал Кафадар.
Тој вели дека Македонија ја носи во срцето и во душата и дека таа отсекогаш во неговото семејство важела за "нашата стара татковина". Вели дека повторно ќе дојде тука, заедно со сопругата.
- Убав ни е животот таму, не се жалиме. Но, верувајте нашите мисли се постојано овде. Моите родители нетрпеливо ме чекаат да се вратам за да им ги пренесам впечатоците од родната грутка. Го сликав секое мое движење овде, го запаметив секое дрво, секое камче. Околу 1964 година татко ми двапати беше тука и не можев да се помирам и јас да не дојдам. Доаѓањето беше малку потешко во времето на комунизмот. Сега е поинаку и јас сум многу среќен што ми се оствари мојот животен сон, да ја видам Македонија - вели Кафадар.
|