AaaAa |
Go ima ova na Angliski... na google ne mi ja dava pisatelkata--nekoj da neznae kako i se pisuva imeto na latinica?
Blagodarnost od napred ;)
---------------------
Одличен роман
Венко Андоновски
Стефани Сен Сенар: 'Ферман". издавач: "Култура", Скопје, 2004
Со својот втор роман, "Ферманни, писателката Стефани Сен Сенар (со македонско потекло по мајчина линија), сериозно се наметнува како автор со најсовремени и највисоки естетски стандарди. "Ферманни е зрело дело, дело во кое веќе целосно се исцртани, барем на планот на она што го викаме референцијална илузија (=светот на едно дело), контурите на опсесиите на Сен Сенар. Нејзина опсесија, нејзин локус амоенус, нејзин мит и нејзина историја е - Македонија. Македонија, видена со очите на писател кој ги бара своите корени, но низ диоптријата на Европа. Таа имагологија за Македонија на Сен Сенар е она што пленува во овој роман: ние, Македонците имаме нарцистичка претстава за себеси (ја има и Сен Сенар на места, кога ја мистифицира Македонија и ја претвора во златен ореол на историско-митолошки иконографии), но убаво е да се погледнат работите и од една поинаква, речиси инородна перспектива. Во таа смисла, "Ферман" е роман што отрезнува: тој бара Македонија да се ослободи од наталожените псевдо-историски проклетства и предрасуди, симболизирани, во оваа прилика, во симболот на турскиот ферман.
Македонија на Сен Сенар е нејзина страсна опсесија: таа ја гледа, ја опишува наместа сурово реалистички (описите на Охрид, кои целосно го обезбедуваат кодот на веродостојноста на едно дело и го прават сетингот реален и реалистички); наместа ја подига до степен на надреализам (на пример, фрагментот со енормното растење на месечината, избраздена со лилави жилички, феномен за кој ниту космолозите ниту гатачите не знаат од што е предизвикан); наместа, ја претвора во место на апокалипса, на слеп фатум од кој таа не може да се извлече, без разлика на тоа што е населена со разумни, умни и интелигентни луѓе (двата главни лика се уметници - едниот е свирач на народни инструменти, другиот сликар); наместа, таа Македонија се третира низ призмата на речиси новинско-социјалната критика: "Каков восхит тој (таткото на нараторката - м.з.) можеше да почувствува во овој загубен крај за кој никој не се интересираше, освен малечките воени шефови кои се здодеваа во нивните планини...? Додека во Франција историјата има вкус на старо прашливо камење, овде таа го бие барабанот на планинските падини и ги остри тукушто окрвавените ножеви. Мириса на барут, на трупови, на пот од луѓе кои, за време на една борба, стануваат џелати или херои... Која граница, која земја исчезна ова утро? Кое минаре се забило во стомакот на некој манастир? Кој човек го убил својот сосед затоа што не се молел како што треба??и (стр.90)
Наспроти оваа имагологија која на Балканот, вклучително и Македонија, гледа како на "темно местоои, во романот постои и сакралната, ореолна иконографија за Македонија. На пример: "месечината... секоја вечер стануваше сў поголема и ишарана со лилави жилички, сў подебели и побројни... Чувме многу претпоставки, од кои некои беа сосема луди: едни велеа дека месечината ќе експлодира, други мислеа дека тоа е знак од Господа и дека еден нов свет ќе се роди од нејзината утроба, голтајќи го засекогаш овој беден сој што лази по Земјава... Кога ќе го поставев прашањето на тие што ме опкружуваа ми одговараа дека тоа е нормално зашто Македонија и нејзиниот народ биле благословени од најстари времиња. Дека Македонците се потекло на сў и затоа овде и треба да заврши или пак да се роди сў." (102-103)
Се разбира, авторката и при вакви случаи го задржува ироничниот параграф како свое право на коментар. Очигледна е нејзината намера да ја демитологизира таа митска претстава за Македонија како извор и устие на сў што постои, како точка во која е создаден целиот свет, екс нихило. Од елемент македониум. Но, од друга страна, покрај видливата критика на таа митолошка перспектива за Македонија (центар на христијанската цивилизација), видлива е и една дискретна идеологизација на симболот на месечината во религиска смисла: месечината расте, заканувајќи се да проголта сў на земјата. Таа религиозна идеологизација на ноќниот симбол на плодноста и женската мена - месечината, наоѓа своја литерарна мотивација во она што всушност служи како поттекст на целото дело - еден мал, речиси трилер заплет, кој како сечило на закана виси над главата на хероињата-наратор низ целиот тек на романот. Станува збор за една микро-нарација, во која таткото на Пела (така се вика ликот-наратор), поканува на ручек една видна турска делегација дипломати, која ја предводи таинствениот Махмут Ѓузели. За време на самиот ручек, Ѓузели станува, небаре ќе оди во тоалет; наместо тоа, тој оди во една соба и почнува претрес во бирото; хероињата го "фаќа на дело". Тој мистериозен човек го бара уште помистериозниот империјален ферман (ја читаме овде вечната постмодернистичка тема на загубениот, важен ракопис кој крие некаква суштинска тајна!). Настанува турканица, во која Ѓузели ги убива сите присутни, вклучувајќи ги и своите колеги, кои очигледно имаат статус на непожелни сведоци; како во најдобрите трилери, Пела останува жива само благодарејќи на игра на случајот: некој ѕвони на вратата токму во мигот кога Ѓузели сака да ја застрела и неа, па тој се премислува и бега. Пред да избега, искажува една реченица која понатаму се доживува како пророштво-закана: "Ќе му ги бакнуваш нозете на султанот, ти и сите гадови и неверници што лазат по оваа земја." Се насетува овде идната идеологизација на тема: судирот меѓу муслиманскиот и православниот свет, на теренот на големите светски идеологии на дваесеттиот, а еве веќе и на - дваесет и првиот век!
Така, целиот роман е всушност една голема потрага по мотивите на ова грозно злосторство; хероињата го менува идентитетот, доаѓа во Македонија и оттука се обидува да ги најде корените на таквиот однос на мистериозниот Ѓузели. Само ако ја дознае тајната на ферманот (на неговиот текст), таа ќе знае зошто Ј се случило приоклетството, и нејзе и на нејзиниот народ од Македонија! Така, романот станува не само етно-социолошка имагологија на Македонија, туку и литерарна форма со таканаречена "анегдотска" нарација: романот има структура на приказна со детекција, со потрага по решение на една силна, трилер-интрига. На оваа интрига & се придодава уште една: тоа е една мистриозна просторија (визба) во куќата во Охрид, куѓа во која Пела живее. Тоа е мистериозна приказна за хипнотичкото, речиси халуцинантно дејство на таа визба врз еден некогашен член на фамилијата. Таа просторија и она што во неа се наоѓа сигурно води во проклетство и лудило: тоа сите го знаат, но никој за тоа не сака да разговара. Ја читаме овде и втората општа, клучна тема на постмодернизмот: темата на "мистериозната врата" која ја чува тајната на се што постои и им се случува на јунаците.
Тука ќе сопрам. За да не ја откривам тајната до крај. Ќе кажам само дека Стефани Сен Сенар напишала одличен постмодерен роман, со кој суверено влегува како легитимен факт на најсовремената македонска проза. Напишала роман со визура, со тајна, со детекција, со централен симбол, со интертекстуални релации, со меѓукултурни пресеци, со фокализации кои ја гледаат Македонија и со домашни, и со "ини" очи. И што е најважно: напишала роман со еден резервен збор, кој постојано лебди меѓу редовите на книгата.
Тој збор е: Македонија. |