ВЕЛИГДЕНСКА ПОРАКА
ВЕЛИГДЕНСКА ПОРАКА
a-pin-dim Господ Исус Христос, за време на Својата мисија на земјата, често им зборувал на учениците и на оние што Го следеле дека Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и на книжниците, и дека ќе Го осудат на смрт, и ќе Го предадат на назнабожците. И дека ќе Го исмеат, и ќе Го камшикуваат, и ќе Го плукаат, и ќе Го убијат и на третиот ден ќе воскресне Така и се случило! По прекрасниот дочек во Ерусалим, кога во Негова чест луѓето ги кителе улиците, и со цвеќиња и облеки ги постилале за Најголемиот посетител што влегол во градот, ќе се случи прореченото: Господ Исус Христос само по неколку дена ќе биде обвинет, ќе Го исмеваат, ќе Го судат и осудат, ќе Го распнат на крст, ќе биде погребан и на третиот ден ќе воскресне! [img]http://www.mpc.org.mk/_images/Aktuelnosti/anastasis2005.jpg[/img] Тој настан над сите настани, и тоа чудо над сите чуда во историјата на светот и на човекот ќе го видат најпрвин чуварите на гробот, римските војници; а потоа и жените мироносици, коишто според обичајот отишле да го помазат телото и ја нашле надгробната плоча поместена и гробот празен. Воскреснатиот Христос по ова им се јавил и на апостолите, кои тргнале кон местото каде што бил погребан, им се јавил во време кога со нив не бил апостолот Тома, а потоа и кога Тома бил со нив, им се јавил на повеќе од петстотини насобрани ученици, а се јавувал и многупати потоа, во текот на четириесетте дена до Неговото вознесение. Пред сиве овие луѓе Господ Христос се претставил како жив по Своето страдање со многу уверливи докази Зар можеше нешто друго да ги увери и апостолите, и сите Негови следбеници, дека голготскиот Страдалник навистина воскреснал и дека вистината и животот се во Него, и тоа да ги увери дотаму, што многумина да бидат подготвени да поднесат се заради верата во Него? Во таа вистина за Воскреснатиот веруваа и светиите, и мачениците, и страдалниците, и исповедниците и сите христољубци во овие дваесет столетија. Воскреснатиот Христос е темелот на нашата вера, основата на Светата Црква и вистината што го победи и освои светот. Тој е вечниот Ослободител и Дарител на мирот. Возљубени празникољубци, И Македонија и нашиот богољубив народ своето вековно постоење го потпираат токму врз верата во Воскреснатиот Господ. А што би биле ние, и како земја и како народ, без таа вера и без Црквата, што би биле без благодатта и без делата, без сето наше духовно наследство и творештво? Што друго ќе ни одржеше и преку што можевме да опстоиме, освен преку верата и Црквата? И во ова време, со милоста на Воскреснатиот, ќе ги победиме сите зла! И покрај сите обиди на притисоци и најразлични распнувања и голготи - ќе опстоиме! Мораме да ги одбраниме и да ги зачуваме и името и достоинството наше македонско - и на Татковината и на Црквата. Воскреснатиот Господ нека ни ја зајакнува верата и меѓусебното единство и љубовта кон сите луѓе! Амин! Христос воскресе!