ViennaBoy |
Кавадарчанецот Петре Ангелков по судски пат бара државата да му врати 99 кози заклани во 1948 година по таканаречениот "Лазов закон". Фамозниот закон целосно го забранил одгледувањето кози, бидејќи ги третирал како штетници кои наводно ќе ги избрстеле сите шумски насади во земјава. Во тоа време, во согласност со законот, 550.000 македонски кози биле ставени под нож.
Во своето судско барање доставено до Основниот суд во Кавадарци, Ангелков бара пресуда која ќе го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да му исплатат отштета од 613.000 денари со камата, или да му обезбедат ново стадо.
Притоа тој поставува услов - козите да бидат црно-сиви и да имаат рогови. Идентични на стадото на неговиот дедо Стојан од селото Рожден, кои во 1948 година биле заклани од тогашната власт.
Бараните кози, според неговото кажување биле полудиви и многу отпорни и токму затоа сака такви. Во моментов во Грција од таа сорта имало стадо со седум милиони животни
- Козите немале болест ами биле уништени намерно за да се запустат селата и да се уништи производството, Македонија да нема храна и да купува од другите тогашни републики. Млеко, месо, урда, кашкавал и сирење. Барем дедо ми како козар така ја сфатил таа луда наредба од тоа време. Козарството било забрането оти наводно козите ја уништувале шумата, ги раскажува зборовите на својот дедо Стојан, кавадарчанецот Ангелков.
- Власта во тоа време спроведувала јаки контроли и ги наоѓала дури и тие кози што биле криени од нивните сопственици. Еден козар во селото Мрежичко ги криел козите цели три години. Со пушка. Цели три години не можеле да му пријдат. По три години го фатиле со измама и го пикнале в затвор. А триста кози му убиле, објаснува Ангелков
Според неговите кажувања, козите на неговиот дедо биле криени во месноста Дупкарево. Властите не попуштиле пред солзите на козарите, ја пронашле стоката и ја заклале на лице место. На скршените козари им го дале месото од нивните кози да го јадат, ама тие не сакале ниту да го помирисаат. |