AaaAa |
T'га за југ, нежен мамурлук и слатка жал по татковината
Миљенко Јерговиќ за Плејбој, Хрватска
Т'га за југ во Хрватска повторно се појави есента 1998. Беше тоа знак дека големите балкански војни одат кон својот крај, дека доаѓаат времиња на помирување, ужичкиот кајмак, травничкото сирење, пиперките и патлиџаните созреани под сончевиот благослов на земјата Македонија.
Но доаѓањето на Т'га за југ, црното вино од грозје од сортата вранец од непрегледните тиквешки лозја значеше нешто повеќе од обичниот идеолошки код и пофалба на хедонизмот на источните републики на поранешна Југославија. Имено, таа 1998, шише Тга за југ чинеше само 17 куни. Иако познавачите на виното, сомелиерите, винските хроничари и експертите презриво ќе одмавнат на спомнувањето на едно конфекциско вино и неговата цена, факт е дека за тие пари во Хрватска човек не можеше подобро да се напие. А не може ни денес, кога Тга за југ е поскапа за десетина куни.
Квалитетот на секое пијанство на рајата, се разбира, се проценува утредента сабајле, во моментите на мамурлук, кога душата се одвојува од телото а секое нормално човечко суштество го моли Бога да го земе кај себе и да го ослободи од понатамошни маки.
Мамурлукот е впишан во суштината на секое лошо црно вино, повеќе отколку што е тоа случај со останатите пијачки. Тга за југ, ни по второто испиено шише не остава посериозни последици по главата и желудникот. А тоа би требало да значи дека Македонците своето најдобро вино го произведуваат главно од грозје.
Работниците, селаните и студентаријата локаат како ѕверови и многу веројатно е дека тоа сиромашно источноевропско мнозинство е константно мамурно. Богаташите исто така пијат, се убиваат со алкохол и се бетонираат со кокаин но нивното богатство ги ослободило од мамурлук.
Т'га за југ е питка и лесна, посебно ако не сте фиксирани за нејзиниот вински идентитет, но поважно е тоа што преку неа се остварува еден важен комунистички идеал: сиромаштијата веќе не ја боли глава!
Но, се разбира, постојат и такви кои им прави мерак везден да се главоболни но,од патриотски причини, ги преферираат хрватските отрови наместо македонските вина. Да бидеме искрени: за цената на Тга за југ, освен отров,кај нас и ништо друго не може да се купи.
Но, во популарноста на виното кое името го добило по една од најважните песни во македонската книженост, постои и нешто што би можело да се нарече копнеж по младоста на средовечните хрватски мажи. Имено, Т'га за југ беше конфесионална пијачка на сите оние кои служеа војска во Македонија, или таа република ја посетуваа за време на училишните екскурзии, семинарите на општествено книговодство, лекарските конгреси во Охрид и Струга... Со неа, во седумдесетите и осумдесетите, покрај најдобрата скара на светот, лутеницата и печените модри патлиџани се дигаа чаши и се наздравуваше за братство & единство.
Ако после Т'га за југ не останува мамурлук, човек станува мамурен од сите тие спомени на младоста која никогаш повеќе нема да се врати и која никогаш не била толку убава колку што е денес во сеќавањата. Затоа е помудро ова вино да се пие само заради опивање а не како задушница над сопствениот гроб. Или да се испие само една чаша па да се отиде еднаш во неподнсливо убавата земја Македонија и повторно со Тга за југ,да се почувствува слатка тага за татковината.
|